Современ пристап во лекување на најчестите ревматолошки заболувања

  • revmatologija
  • revmatoloski_zaboluvanja_rabotilnica_1
  • revmatoloski_zaboluvanja_rabotilnica_2
  • revmatoloski_zaboluvanja_rabotilnica_3

На 09.05.2014, во салата на Скопски саем беше одржан стручен состанок на тема “Современ пристап во лекување на најчестите ревматолошки заболувања“. Тое е прв стручен состанок од областа на ревматологијата што го организира Здружението на интернисти на РМ. Темите беа предложени од страна на здружението во консултација со проф. Ѓеорги Божиновски, со тенденција да се стави акцент на последните препораки во дијагностиката и третманот на одбраните заболувања, и воедно, да се направи паралела на истите со нивна примена во секојдневната клиничка практика.

Поканети предавачи на состанокот беа проф. д-р Ѓеорги Божиновски со свои две предавања (“Остеоартритис – современи аспекти во дефинирање и третман“ и “RAYNAUD феномен – современа дефинираност, терминологија, дијагноза и лекување), асс. д-р Љубинка Дамјановска со предавање на тема “Ревматоиден артритис – современа класификација, дијагноза и лекување“, двајцата од Клиниката за ревматологија, и проф. д-р Снежана Марковиќ-Темелковска, насловен вонреден професор на Клиникаta за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања, со предавање на тема “Остеопороза – последни препораки“.

И покрај тоа што многумина сметаат дека ревматологијата не е честа во секојдневната практика, интересот за состанокот и присуството на колеги од повеќе специјалности даде сосем поинаква насока. Предавачите посебно го нагласија раното клиничко препознавање на сите заболувања, особено на остеоартритисот, ревматскиот артритис и остеопорозата како чести и присутни заболувања, како исклучително битно во раната фаза на истите. Правовремената дијагноза на секое од овие заболувања доведува до стопирање на прогресијата на болеста и подобар терапевтски ефект на дадената терапија. Епидемиолошките статистички бројки за честотата на остеоартритисот и остеопорозата не кореспондира со процентот на рано откриени и третирани пациенти со овие заболувања. Додека остеопорозата претставува “виртуелен“ клинички феномен без можност за рано откривање, остеоартритисот е заболување со исклучително висока инциденца, богата клиничка слика, и овозможува рана дијагноза и третман доколку се има во предвид неговото постоење во секојдневната практика.

За разлика од овие две заболувања, ревматскиот артритис и Raynaud-феноменот ја немаат таквата инциденца, но имаат своја препознатлива специфична клиничка слика која надополнета со лабораториската специфична дијагностика и методологија овозможува потврдување на самата болест.

На обострано задоволство на предавачите и слушателите, се разви конструктивна дискусија насочена кон новите аспекти во третманот на ревматоидниот артритис и остеопорозата со биолошки активни лекови (моноклонални антитела), во согласност со светските трендови на лекување на овие заболувања. Во тој контекст, аналгетската терапија и нејзината примена секогаш ќе бара поголем стручен “сенс“ со добра клиничка евалуација на болката и дозирање на лекот, индивидуално, притоа внимавајќи да не се даде максимална доза која од своја страна може да има негативен ефект во однос на болеста на пациентот. Недостатокот на дијагностички постапки, специфични лабораториски анализи и терапевтски препарати (посебно изразено кај ревматскиот артритис) во ревматолошката и интернистичка клиничка практика, не доведува во ситуација на отежнато лекување со тешкотии во примена на медицината базирана на докази.

Посебно сме благодарни до сите предавачи, за нивната едноставност и желбата да се презентираат сите новитети на високо стручно ниво. Обострана е желбата за понатамошна соработка и споделување на сите нови ревматолошки стручни предизвици во иднина.

Поврзани написи...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *