Превенција, дијагноза и третман на Хронична бубрежна болест

hronicna-bubrezna-bolest

Во периодот од 04 Септември – 16 Октомври 2014 година во рамите на КМЕ активностите на Здружението на Интернисти на РМ се одржа работилница на тема “Превенција, дијагноза и третман на Хронична бубрежна болест“ каде како предавач беше поканета проф. д-р. Оливера Стојчева-Танева, редовен професор на Клиниката за Нефрологија, Продекан за научни истражувања при Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. Покрај професорката Стојчева –Танева како главен предавач во првиот дел од работилницата, свои прикази на случаи имаа и тројца колеги членови на здружението, во склоп на вториот, практичен дел – сесија со прикази на случаи: д-р. Биљана Ивановска – Бојаџиев од Скопје, со приказ на тема “ХББ кај цистично изменети бубрези“, д-р. Биљана Велиновска од Делчево, со осврт кон личното искуство на тема “Терапија на анемија кај пациенти со ХББ“ и д-р. Александар Манолев од Скопје, со приказ на тема “Дијагноза и третман на ХББ кај пациенти со КВ коморбидитет“. Работолницата беше одржана во 4 града низ Македонија (Струмица, Тетово, Охрид и Скопје), поканувајќи ги скоро сите интернисти низ државата. Работилницата ја посетија севкупно повеќе од 230 колеги.

Главна идеја за организација на овој настан беше тенденцијата да се стави акцент на раната дијагноза на ХББ и со тоа можноста за нејзино рано превенирање. Интернистичката пракса во себе ги вклучува сите потребни дијагностички процедури (лабораториски анализи, дуплекс ултрасонографија и останати имиџинг техники) преку кои може да се дојде до дијагноза на болеста. За тоа колку беше оправдан настанот говорат резултатите од прашалникот кој беше вовед во работилницата, а подготвен од професорката О. Стојчева-Танева.

Приказот на случајот и прашалникот поврзан со истиот, кои беа во насока на добивање на едно севкупно размислување околу дадената тема, мотивираа да земат учество 162 (70%) учесника од вкупно 231.

Во заклучокот доаѓа до израз одговорот на првото прашање каде само 22% од севкупниот аудиториум би се насочиле во квантифицирање на постоечкото хронично бубрежно заболување и би пристапиле кон испитување на 24 часовна протеинурија и албумен/креатинин индекс. Спротивно, најголемиот дел (повеќе од 80%) би пристапиле кон РТГ на белодробие и ехоренографија. Сепак, повеќе од 60 % сметаат дека во позадина постои дијабетична нефропатија и треба да се пристапи кон посериозни иследувања.

Приказите на случаи во својот карактер имаа за цел да ги извадат дијагностичките предности на дуплекс ултрасонографијата и лабораториските иследувања и воедно да посочат дека раното препознавање е битно и возможно. Кардиореналниот синдром без манифестна протеинуриа и полицистичната ренална болест третирана во раниот стадиум со стабилизирање на протеинуријата, двата третирани према последните препораки на K-DOQI насоките, посочија дека третманот, а со тоа и превенцијата на прогресијата на ХББ се возможни. Она кон што ќе треба да се насочиме сите ние како интернисти е нашето повисоко ниво на свесност за болеста, секако со спроведување на сите оние чекори кои мошне внимателно се вметнати во алгоритамот за дијагноза и третман на ХББ. Впрочем, овој алгоритам кој беше обезбеден за секој учесник на настанот ќе треба да биде патоказ кој понатаму ќе ни ги потврди/отфрли сите сомнежи за постоење на болеста и ќе не насочи кон правилен третман.

Поврзани написи...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *