Годишно собрание – 2014

godisno-sobranie_golema

2014 година беше исклучително плодна година за Здружението на интернисти на РМ (во понатамошен текст – здружението). Овој податок се темели на едноставна статистика: одржани се вкупно 10 стручни настани, од 5 тематски поглавја. На овие 5 тематски поглавја учествувале вкупно 594 учесници т.е. 120 учесници на секое тематско поглавје. Биле ангажирани 19 предавачи и 9 практични презентации. Списанието “Интернисти“ (во понатамошен текст – списанието) со 4 реализирани броја, во него објавено: трудови – 4, прикази на случаи – 8, интервју со предавачи – 3, отворена нова рубрика “УЗ Хајд парк“ – објавено 2 прикази на случаи. Рецензентски одбор надополнет со Проф. Д-р Катја Залетел, Клинички центар Љубљана, Клиника за Нуклеарна медицина. Сите стручни настани и објавени броеви од списанието во комплетна организација и реализација на здружението, со минимална поддршка од поедини соработници.

Од стручен аспект задоволството е тространо: од аудиториумот, предавачите и организацијата. Годината ја започнавме со Ехокардиографска школа која во својот концепт се базира на модерните практични текови: теоретски дел надополнет со сесија на прикази на случаи и УЗ апарати за сесија “hand on hand“. Да, оваа сесија за многумина беше изненадување, за предавачите малку поддценувачка но за аудиториумот исклучително корисна. Тоа е вистинксата потреба на интернистите кои работат кардиологија – пракса, прикази, дијагностички финеси, споделување на искуства.

Вториот настан беше од областа на ревматологијата: “Современ пристап во лекување на најчестите ревматолошки заболувања“. За многумина подзаборавена патологија, но овој настан покажа дека таквиот пристап е погрешен, најмногу поради фактот дека времето за одржување на овој настан беше продолжено за 2 часа, најмногу поради дискусиите од колегите. Одличните презентации на проф.д-р Г. Божиновски, проф. д-р С.Марковиќ и асс. д-р Љ. Дамјановска направија стручно ниво и дискусии за сите присутни колеги: интернисти, ревматолози, специјалисти по физикална рехабилитација, специјалисти по спортска медицина и т.н.

Втората половина ја започнавме со 4 работилници на тема: Превенција, дијагноза и третман на хронична бубрежна болест. Прв позначаен обид за подетално навлегување во дијагностиката и терапијата на ХББ, со алгоритам како патоказ и обид да се потенцира интернистичката улога, но и недоволното препознавање на ХББ. Она поради кое се иницираше оваа работилница се покажа вистинито во пракса: интернистите во иднина ќе мора повеќе да работат во препознавањето и третирањето на ХББ, а болниците и клиничките центри да ги вреднуваат дијагностичките и терапевтски напори на колегите интернисти од секундарно здравство.

“Прва интернистичка тиреолошка школа- Клинички придобивки од применети насоки“. Прва интернационална школа која комплетно е пренесена и реализирана од страна на здружението. Значењето од стручен аспект е огромно: школата ја потенцираше интернистичката улога во тирологијата, ја посочи можноста за независно дијагностицирање на патологијата, ја воочи потребата за поголемо интернистичко практицирање и фактот дека мултидисциплинарниот пристап во терапијата на поедини состојби не треба да биде интернистички хендикеп. Препознавањето на тироидната патологија во секојдневната клиничка пракса е возможно и треба да почнува со имплементација на насоките кои преку потврдена методологија во симплифицирана форма ќе не доведат до дијагнозата, а со тоа и до понатамошен третман на пациентите со тироидна патологија. Ваквиот пристап во иднина ќе овозможи идентификување помеѓу специјалистите интернисти, ендокринолози и специјалисти по нуклеарна медицина, кои во својата соработка ќе ги препознаваат проблемите и ќе се стремат кон нивно решавање. Специјалистичкиот тиролошки извештај е една од алатките со која тие ќе се препознаваат помеѓу себе и ќе бидат препознаени од околината. Тоа по дефиниција би требало да претставува “Тиреолог“.

Последниот стручен настан “Предизвици во интерпретација во електрокардиографски записи“ т.е. ЕКГ школата, ја потенцираше важноста на методата која е најмногу практикувана во медицинската пракса, наспртоти потценетоста на нејзините потенцијали, вклучително и ЕКГ Холтер дијагностиката. Исклучително тежок концепт за организација со максимална посветеност на проф. д-р Љ. Ѓеорѓиевска –Исмаил и асс. Д-р Л. Поповска и целиот организационен одбор.

За 2015 година во план е програма со сличен концепт на настани, но од други темастки поглавја. Како избор на теми се земени во предвид: Атријална фибрилација – стручен состанок, Абдоминална ултрасонографија – УЗ школа, Периферна артериска болест (ПАБ) – Доплерска интернационална средба, Пулмо-алерголошки симпозиум:Најнови насоки во третманот на ХОББ и АСТМА. Членството е надополнето со млади специјалисти до 35 години кои ќе имаат програма према концептот од EFIM (European Federation of Internal Medicine). На барање на младите колеги, специјализанти по интерна медицина формирана е група чиј координатор е д-р Борислав Манев од Штип. Колегите ќе можат да бидат членови на здружението со платена чланарина без право на гласање до моментот на специјализирање.

Чланарината за 2015 година останува по истата цена од 1,200 денари. Оваа година, према статутот на здружението, чланарината ќе се наплаќа до 1-ви март 2015 година. После тој термин сите учесници на настаните ќе плаќаат котизација како надворешни членови. Списанието на домашна адреса ќе го добиваат оние членови кои ќе уплатат чланарина до датумот кој е предвиден за плаќање (1-ви март 2015 година).

Поврзани написи...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *